Специјалната комисија за истрага на причините за финансиската криза во Кипар, денеска официјално го претстави својот извештај, пренесува ИТАР-ТАСС.
Независната комисија, составена од тројца поранешни членови на Врховниот суд на Кипар, наведува дека поранешниот кипарски претседател Диммитрис Христофиас носи главна одговорност за финансиската криза на островот, што ја стави земјата на раб од банкрот.
Комисијата, именувана од владата на барање на сегашниот кипарски претседател Никос Анастасиадис, почна со работа во април.
Над 40 лица се сослушани, меѓу кои и самиот Анастасиадис.
Во извештајот се наведува дека Христофиас спроведувал „несовесна економска политика“, игнорирајќи ги предупредувањата на советниците и неоправдано ги забавил преговорите со меѓународните кредитори, што резултираше со закана од банкрот.
Како политички одговорна за финансискиот колапс на Кипар, комисијата ја посочува и владејачката од 2008 до 2013 година Прогресивна партија на работниот народ, коалициските партии, како и поранешниот гувернер на Централната банка на Кипар Анастасиос Орфанидис, актуелениот гувернер на Централната банка Паникос Димитриадис и поранешниот министер за финансии Харилаос Ставракис.
Извештајот содржи и критики кон сегашниот претседател Никос Анастасиадис за „лоша подготовка“ за две клучни средби на Еврогрупата на 15 и 25 март годинава.