Нова фаза во кризата во САД – почнуваат преговорите за долгот

Од:

Почнува втората фаза од политичката драма во Вашингтон. Спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бојнер најави можност да се прошират разговорите со претседателот Барак Обама и со Демократската партија, со цел да се бара решение не само за буџетот кој е блокиран во Конгресот, туку и за прагот на долгот на САД, кој ќе биде достигнат во средината на октомври.

Се смета дека ова второ прашање е уште посериозно од буџетот, кој ја блокираше централната Влада на САД, бидејќи неисплаќање на американскиот долг може да доведе до глобален економски колапс.

– Спикерот Бојнер секогаш сака да ги носи гласовите со големо републиканско мнозинство, но тој исто така беше јасен дека неисплаќање на долгот ќе биде катастрофа за нашата економија. Исто така беше јасен дека чисто зголемување на долгот, без обврски за другата страна, не може да помине низ Претставничкиот дом, изјави Мајкл Стил, портпарол на Бојнер.

Со овој предлог, републиканците го прошируваат фронтот со демократите, но и отвораат можност за поширок договор. Во буџетскиот спор, двете страни се блокирани околу одбивањето на републиканците да гласаат за буџетот, доколку претходно не се одложи здравствената реформа Обамакер за една година.

Во спорот за кревање на горната граница на американскиот долг над актуелните 16,7 трилиони, листата на барања на републиканците може да биде доста поголема – од барања за кратење и реформи на социјалните програми, кратење на еколошки регулативи за нафта и јаглен, изградба на нафтоводот Кистон, и пред се – поедноставување на даночните стапки и можност за воведување на рамен данок.

Претседателот Обама засега одбива да преговара со републиканците за било кое од овие прашања. Но, нивната пратеничка група во Претставничкиот дом се држи единствено во услови на буџетската блокада, и додека е така, демократите на Обама во Претставничкиот дом немаат доволно гласови да ја надминат кризата.

Повик за надминување на спорот дојде од најголемите финансиски корпорации во САД, а вчера се огласи и претседателката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

– Среде овие фискални предизвици, политичката неизвесност околу американскиот буџет и околу границата на задолжување не помага. Доволно лошо е што Владата е блокирана, но ќе биде далеку полошо доколку не се постигне договор за кревање на границата на задолжување. Тоа може да и нанесе сериозна штета не само на американската туку и на светската економија. Затоа, критична мисија пред нас е да се постигне договор што е можно поскоро, изјави Лагард во Вашингтон, каде следната недела почнува редовната годишна средба на ММФ.

Воедно, Белата куќа, соопшти дека Обама ја откажал посетата на Индонезија и Брунеи, планирана за следната недела. Во меѓувреме, прашањето кое ја започна кризата во САД, здравствената реформа Обамакер, веќе четири дена е активна, и граѓаните имаат можност да купат здравствено осигурување според новите правила, кои за првпат детално се пропишани од Владата.

Засега, интернет страницата healthcare.com преку која граѓаните треба да се пријават и да купат осигурување, е главно недостапна, односно се блокира по првите неколку чекори.

Помалку од еден процент од граѓаните успеале да се пријават и да купат осигурување, дотаму што медиумите во САД постојано објавуваат апели до граѓани кои успеале во тоа да се јават и да раскажат за своето искуство.

Од друга страна, медиумите се преполни со нервозни и разочарани граѓани, кои се обиделе и не успеале да купат осигурување.

Засега најпознат од првите осигуреници на Обамакер е Чад Хендерсон од Џорџија. Вашингтон пост објави дека овој 21-годишен студент купил осигурување за 175 долари месечно, што е висока сума за млад и здрав човек без семејство, особено бидејќи планот не предвидува стоматолошко и очно осигурување.

Но, Хендерсон стана познат по изјавата дека, како поддржувач на Обама, сакал по секоја цена да купи осигурување според новата програма, со што веќе е херој за едната политичка партија, а наивна жртва на Обамакер за другите.

Во Колорадо, пак, една од организациите ангажирани од централната Влада да помагаат при купување на осигурување преку Обамакер и да ја промовираат реформата, почна кампања во која пет студенти и студентки се шетаат низ Денвер само по долна облека и ги канат граѓаните да купат осигурување преку Обамакер. Кампањата се води под паролата „покријте се“, односно осигурајте се.

Би можело да ве интересира

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак