Во галеријата на Македонскиот културен центар во Софија синоќа е отворена изложбата „Моми“ на седумте млади уметници, Ана Ивановска, Марија Сотировска,Кристина Зафировска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Татјана Ристовска и Маја Кировска.
Проектот кој е реализиран во соработка на Музејот на современа уметност и Културно-информативниот Центар во Софија, во јуни беше претставен во Белград, а на своето второ меѓународно претставување годинава, предизвика голем интерес и пред публиката во Софија.
Куратор на изложбата е Ива Петрова-Димовски, а младите уметници пред публиката во главниот град на Бугарија ги претставија директорите на двете институции, Елиза Шулевска и Васко Шутаров.
Во галеријата „Париз-Москва“ во Софија се уште владее исклучителен интерес и на посетителите и медиумите за изложбата на скулпторот Жарко Башески, а во најава за 17 октомври е изложбата на Милош Коџоман.
Сите проекти од тековната програма на македонскиот КИЦ во Софија се реализирани со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.