Граѓанската асоцијација МОСТ утре ќе организира отворен настан пред Книжарница во Чаршија(Libraria E Çarshisë), со почеток во 11 часот. Настанот се организира во рамките на кампањата „Вклучи се, ако си исклучен!“ која стартуваше на 15 септември, како симболично одбележување на Меѓународниот ден на демократија.
На утрешниот настанот, заинтересираните млади ќе можат да се информираат и да ги прошират своите знаења за тоа кои се предностите да се биде активен граѓанин.
Кампањата “Вклучи се, ако си исклучен!” е дел од проектот „Активни за демократија“ кој претставува продолжување на долгорочните напори на Граѓанската асоцијација МОСТ за подигнување на свеста кај младите гласачи и зголемување на нивниот активизам. До сега како дел од кампањата беа организирани 10 настани во различни градови во државата, а планирано е да се оранизираат уште дополнителни 10 настани со цел да се опфатат и информираат што поголем број на млади.
Главните предизвици кои ги адресира проектот „Активни за демократија“ се недостатокот од познавање на младите гласачи за теми поврзани со изборите, како и нискиот степен на заинтересираност за активно учество во демократските процеси. Исто така, проектот посочува на недостатоците во формалното образование за соодветно информирање на младите гласачи. Во таа насока, проектот има за цел да даде е придонес кон зајакнување на капацитетите на младите преку промоција на нивните права и слободи поврзани со изборите, како и преку промоција на потребата од активно учество во демократските процеси.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), во износ од безмалку 83,000 евра.