Српскиот премиер во заминување Милош Вучевиќ изјави дека демонстрантите планираат да го блокираат животот во Белград на 72 часа за време на викендот.
„Почнуваат на 15 март од повеќе локации за да се соберат пред Домот на Народното собрание. А тоа е ризичен момент поради студенти кои сакаат да учат или луѓе кои се собрани во Пионер легално, на регистриран митинг“, рече Вучевиќ, гостин на ТВ К1.
Тој тврди дека видел документ што демонстрантите „веројатно го подготвиле со помош на оние кои се занимаваат со овие работи“.
„Планираат натамошно проширување низ Белград и блокада на животот во Белград, како што најавуваат, 72 часа. Така ми покажаа. И се плашам дека во тој процес се подготвува напад, како што рече претседателот на државата, за почеток врз Народното собрание, Уставниот суд и РТС“, рече тој.
Тој ги повика граѓаните да не испраќаат деца, средношколци и основци на протестот бидејќи „очигледно е дека не се подготвува карневалска атмосфера“.
За 15 март 2025 година е најавен голем протест во Белград на кој се очекува масовен собир на граѓани од целата земја за да се изрази незадоволството од актуелната политичка состојба и да се побара промена.
За потсетување, српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот во Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија рече дека „остануваат уште пет дена до обидот за револуција и уривање на уставниот поредок, што е едно од најтешките кривични дела во Србија“.