Студентите продолжуваат да ги блокираат сите три влеза во зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) на улицата Таковска во центарот на Белград. По синоќешната пресметка меѓу дел од студентите и полицијата, утрово ситуацијата е многу помирна.
N1 Србија известува дека студентите формирале човечки ѕид пред главниот влез и не им дозволуваат на вработените да влезат во зградата. Истовремено, оние вработени кои сакаат можат слободно да ја напуштат зградата. Студенти за Нова.рс изјавија дека утрово неколку лица, најверојатно вработени во РТС, се обиделе да влезат во зградата, но им било кажано дека е во тек блокада.
Блоката ја иницираше изјава на новинарка на РТС која за време на разговорот со српскиот претседател Александар вучиќ ги нарече студентите толпа.
На социјалните мрежи се појави информација дека некои студенти отишле на Кошутњак со цел да го блокираат второто студио на РТС од кое може да се емитува програмата. Меѓутоа, оттогаш полицајците ги блокираа сите приоди до студиото, а во дворот има бројни џипови на Жандармеријата, полициски комбиња и автомобили.
Инаку, блокадата почна синоќа околу 23 часот. Акцијата беше изненадување, објавена на социјалните мрежи непосредно пред почетокот, а студентите истакнаа дека блокадата ќе трае 22 часа и ги повикаа граѓаните да им дадат поддршка.