Италијанските медиуми наседнаа на текст на францускиот сатиричен портал Le Gorafi кој пренесе резултати од измислена анкета според која девет од десет Французи веруваат дека клиторисот е модел на возило од јапонскиот производител „Toyotа” а ниеден не го знае вистинското значење на зборот.
Италијанското исмејување на незнаењето на Французите се претвори во солена шега на нивна сметка, а меѓу оние коишто наседнаа е и италијанската новинска агенција Ansa.
Уредниците на Le Gorafi велат дека сметале оти со измислената анкета ќе ги забават своите редовни читатели, и оти не се надевале дека ќе наиде на ваков одек.
Според резултатите од измислената анкета, ниеден од 2,500 испитани Французи не го знаел вистинското значење на зборот клиторис, па така 89 отсто верувале дека станува збор за марка јапонски автомобил, седум отсто сметале дека тоа има некаква врска со древната египетска митологија,а четири проценти немале никаква идеја што значи терминот.
Се чини дека брзите италијански медиуми ниту го прочитале целосно тоа истражување и веднаш тргнале да ги исмејуваат Французите, констатира француската новинска агенција AFP.
Дури шест позначајни италијански медиуми го објавија ова „големо” откритие за француското „незнаење” од анкетата на TNS-Sofres за Le Gorafi, а Ansa дури понуди појаснување дека станува збор за забуна и дека Французите ги помешале „tyotа clitoris” со моделот „toyota yaris”.