Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами по барање на новинарите ги коментираше изјавите на Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ кои во свои настапи истакнуваат дека се загрозени правата на Албанците во Македонија.
Касами истакна дека нивната коалиција „Вреди“ која е дел од владината коалиција и мнозинство се грижи за достојно претставување на Албанците и сите граѓани во Македонија.
Касами му порача на Бујар Османи дека не е тој кој ја треба да се грижи за правата на Албанците во Македонија, а до ДУИ упати порака да се реформираат со нови кадри и тогаш да понудат нова програма и да излезат на локалните избори.
– Бујар Османи треба да биде внимателен, да не му се случи тоа што му се случи со претходната тенденција и обид за дестабилизација на државата кога поставија шатор пред обвинителство и кога Бујар Османи со наведната глава требаше да излезе од тој шатор и преку ноќ да се тргне тој шатор. Сè додека има луѓе кои згрешиле на законот, злоупотребувале јавна функција, а кои се многу блиски пријатели и сопартијци на Бујар Османи во ДУИ, тие немаат кредибилитет немаат право морално ниту правно да постават никакво барање на актуелната влада, а треба сериозно да се занимаваат со расчистување на корупцијата и корумпираните во нивните редови, истакна Касами.
На новинарско барање за коментар на Али Ахмети кој рече дека е загрозен албанскиот јазик и дека нема да дозволат локални избори, Касами исто така посочи дека и лидерот на ДУИ треба да расчисти со минатото.
– За членови на неговата фамилија, нели има информации и индикации дека против законски се збогатиле, ја користеле неговата функција во власта 20 години за противзаконски да се збогатат. Значи мора тие да расчистат со злоупотреба на позициите кои ги имале 20 години од нивните функционери, за да после нели кажуваат приказни во делот на заштита на правата на Албанците, истакна Касами.