Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола во Болоња го потпиша документот „Магна Карта Универзитатум“ (Magna Charta Universitatum) со што покрај Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје стана втора македонска членка на светското универзитетско семејство.
– На Конференцијата во Универзитетот во Болоња, битолскиот Универзитет стана потписник на документот по претходно извршена голема анализа и исполнети услови за рамноправно членство, со што воедно се здоби со висока референца и посакуван атрибут за секој Универзитет, истакна Јованка Тутеска, проректорка за наука на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола.
Потписници на документот „Магна Карта Универзитатум“ се над 600 универзитети од 68 држави во светот. Овој документ ги обединува универзитетите од Европа, Северна и Јужна Америка, Азија и арапските држави.
– Документот се темели на неколку постулати како што се поддршка на автономијата на универзитетите, обединување на наставата и истражувачките процеси, промоција на хуманитарните науки и имплементација на сите достигнувања во областа на едукацијата и истражувањето во општествата каде функционираат универзитетите, посочи проректорката Тутеска.
Со потпишувањето на документот „Магна Карта Универзитатум“ Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола ќе ја зголеми соработката со другите универзитети, ќе учествува на меѓународни конференции и други академски настани за што директно ќе биде информиран.