Македонскиот народен театар на 3 април ќе го одбележи 80-годишниот јубилеј со мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ во режија на Дејан Пројковски. На тој ден МНТ ќе прослави 80 години од првата претстава и изговорена реплика во 1945-та – премиерата на „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров и во превод од Блаже Конески.
-Со овој спектакл ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар. Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се зад кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ. Публиката ќе биде на едно големо мултимедијално патување во театарот на сонцето, рече на прес-конференција директорот на МНТ, Никола Кимовски.
По повод јубилејот, изработено е логото „80 години Македонски народен театар“ на Зоран Кардула, а до крајот на годината треба да излезе и монографија.
Дваесет дена по роденденот, на 23 април, ќе биде изведена премиера на претставата „Варвари“ во режија на Владимир Милчин, по текст на Максим Горки, кој првпат се поставува во државава. Ќе учествуваат 23 актери, повеќето студенти на Милчин на ФДУ, како што рече Кимовски „моќна, масовна и бравурозна екипа“.
Покрај „Варвари“, премиери во МНТ годинава ќе имаат уште две нови претстави поддржани со годишната програма на Министерството за култура и туризам – „Три сестри“ според драмата на Чехов, по текст на Ана Ристоска-Трпеноска и режија на Нела Витошевиќ, и претставата за деца „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Автори на овој проект се Симон Трпчески и Билјана Црвенковска.
Покрај тековната репертоарска програма, на сцената на МНТ ќе бидат вратени и три претстави кои не се играа подолг период – „Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“.
Програмата на Летната сцена „Славиша Кајевски“, од 10 до 20 јуни, во јубилејната година ќе понуди концертни настани на македонски изведувачи.
-Акцентот во 2025 година е ставен на меѓународната соработка, односно гостувања на МНТ надвор од границите, како и гостувања на други театри на сцената во МНТ. Турнејата ќе започне со најактуелните претстави од големата и малата сцена, а тоа се претставите „12“ во режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин, рече Кимовски, најавувајќи гостувања во Црна Гора и Босна и Херцеговина напролет, и наесен во Унгарија и Бугарија. Исто така, ансамблот на МНТ ќе учествува и на домашните фестивали „Охридско лето“, МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и „5РЕ“ во Велес.
Во рамки на меѓународната соработка се и гостувања на сцената на МНТ – меѓу кои со свои претстави доаѓаат Црногорско народно позориште, Народно позориште Сараево и Словенско народно гледалишче. МНТ во април во Атина ќе учествува на конференција на Европска театарска конвенција (ETC) – мрежа на јавно финансирани театри во Европа, во која МНТ го обнови членството, а исто така во план е налето да организира иновативна работилница за тон и светло, наменета за театарските професионалци.
Кимовски информираше дека за 2025 година на МНТ му е одобрен буџет со вкупен износ од 9.223.530 денари. За драмска дејност се наменети 6.300.000 денари, за меѓународна соработка 1.100.000 денари и за одржување и опрема 1.139.000 денари.
Соопшти дека во 2024 претставите на МНТ ги посетиле повеќе од 66 илјади гледачи и дека цел во иднина ќе им биде почести гости да им бидат младинците.
-Во тоа име нашиот слоган одлучивме да биде: МНТ – приказни поголеми од времето“, додаде Кимовски.
Соопшти дека новина во МНТ е професионално снимање на новите претстави и нивно тековно архивирање.
Покрај програмскиот дел, во јубилејната година ќе се работи и на поправки на објектот и на техниката и ќе се почне од најкритичните – санирање на прокапувањето од еден балкон во фојаето и етапно инвестирање во „влошеното осветлување“ на објектот, внатре и надвор. Пред се, осветлување на страната кон Вардар која ноќе е мрачна и која, рече Кимовски, дава чувство како да не се наоѓаме во центарот на Скопје.
Директорот соопшти дека за санација на само еден балкон во МНТ се потребни 12 милиони денари и со оглед дека за одржување и опрема на МНТ му се доделени 1.139.000 денари за оваа година, за поправки и санации театарот ќе соработува со партнери и спонзори. Покрај средствата добиени од државата, рече Кимовски, ќе се обидат и на овој начин, како и со донации и фондови, да се помогне во санацијата на објектот.
Техничкиот раководител во МНТ, Гунтер Кубе, на прес-конференцијата истакна дека иако е техниката секогаш во втор план, „таа служи да ги потпомогне сите процеси и е интегрален дел на се што се случува во театарот“, па оттука, рече, таа застарува и треба да се одржува.
-Извесно време, најголем проблем на МНТ е токму тоа и во таа насока имаме голем список на активности кои оваа година ќе ги преземеме и мораме да ги реализираме. Дел од активностите не е поврзан директно со техниката, туку и со структуралните прилики во кои се наоѓа театарот и кои сите добро ги знаат, додаде Кубе.