Андоновски: Ќе се ревидира упатството за постапување на училиштата при хибридни закани

Од:

По минатонеделните 240 дојави за лажни бомби во училиштата, ќе се ревидира упатството што за такви случаи го изработи Министерството за образование и наука (МОН) во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и ќе биде испратено повторно до училиштата за да знаат како да се однесуваат, информираше вечерва министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој посочи дека е многу тешко да се утврди точната локација од каде доаѓаат нападите за кои рече дека имаат првични сознанија според видот на пораката и начинот на кој е испратена, а за повеќе информации упати на одговор од Министерството за внатрешни работи.

– Тоа е некој вид на превод, се претпоставува дека пораката е генерирана од вештачка интелигенција па преведувана од некои од оптимизациите за превод, не можеме точно да утврдиме дали станува збор изворно за македонски јазик или за превод. Во секој случај станува збор за хибридна закана, за да се предизвика страв кај граѓаните и недоверба во системот, во институциите и ваквите закани и понатаму ќе продолжат, рече Андоновски.

По информациите за дојавите за бомби во училиштата, како што информираше, уште изутрината била формирана ад хок работна група од Министерството за дигитална трансформација, МОН и безбедносните служби во МВР за да се утврди каков е видот на нападот и кои се начините за превенција на системите во иднина.

– Додека МВР и МОН се справуваа со евакуацијата, чистењето на училиштата, проверките и враќањето, ние се занимававме како да ги превенираме системите, како да ги заштитиме да не можат да добиваат лажни закани од непознати страници кои немаат никаква контрола. Има едни препораки, упатство што го изработи МОН во соработка со МВР, го ревидираме и ќе го испратиме повторно до училиштата за да знаат како да се однесуваат. Училиштата често користат непроверени мејл адреси, сервер кој не е поврзан со серверот на МОН, приватни сервери, и многу е тешко да детектирате како доаѓаат. Но, ако ги почитуваат правилата ваков вид закани за напади ќе бидат се поретки и ќе знаеме да се справуваме со нив, рече Андоновски.

Би можело да ве интересира

ТикТок ќе се забрани доколку некоја појава од инцидент прерасне во пракса, вели Андоновски

Андоновски: Стратегијата за сајбер безбедност претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државата

Андоновски: Фокусот не треба да биде на забрана на апликациите, туку на едукација на децата и родителите

Андоновски: Граѓаните да бидат многу внимателни при е-купувањето

Сајбер-напади: Државата нема ниту анализа ниту проценка за ранливоста на институциите

Катерина Ѓуровски

Андоновски: Градиме сеопфатна сајбер безбедносна инфраструктура и нова национална стратегија усогласена со ЕУ директивите