Нареден е притвор за заменик-градоначалникот на Киев и други градски функционери

Од:

Врховниот антикорупциски суд (ВАКС) денеска му одреди притвор на заменик-градоначалникот на Киев, Петро Оленич, кој е обвинет за вмешаност во зделки за земјиште во главниот град, соопшти Прес-службата на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САПО).

Одредена му е кауција од 15 милиони гривни (околу 385.000 евра), пренесува порталот Suspilne.

„Истражниот судија на Врховниот управен суд го поддржа ставот на обвинителот на САПО и примени превентивна мерка на заменик-шефот на градската државна управа на Киев, осомничен во случајот за злоупотреба на градско земјиште“, се вели во соопштението.

Обвинителството побара рочиштето да се одржи на затворена седница.

На почетокот на рочиштето, обвинителот рече дека сите истражни дејствија се вршени зад затворени врати за да не можат функционерите инволвирани во корупција да влијаат на текот на истрагата.

Обвинителството соопшти дека ќе го приложи стенограмот од сослушувањето на еден од осомничените, кој во четвртокот се согласил да соработува со истрагата и дал изјави со кои се потврдуваат околностите изнесени во сомнежот.

Украинската јавна телевизија објави дека во истиот случај е приведен и претседателот на комисијата за земјишни односи при Градскиот совет на Киев, Михаило Терентиев.

Прес-службата на Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата објави и дека судиите на Вишиот антикорупциски суд приведоа член на постојаната комисија за архитектура, урбанизам и земјишни односи на Градскиот совет на Киев и градски советник, а украинските медиуми јавуваат дека станува збор за Олена Марченко, која е вмешана во случајот.

Притвор е одреден и за заменик-шефот на Специјалниот станбен фонд и уште едно лице кое и помагало на криминалната организација во водење сметки.

Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и САПО во четвртокот ја спроведоа операцијата „Чист град“ за да ги разоткријат градските власти вмешани во корупција во градските земјишни и буџетски сектори.

Полицијата денеска изврши претрес во зградата на градската државна управа во Киев поради наводни злоупотреби од страна на службеници во врска со отуѓувањето на градскиот имот во 2009 година.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека властите на главниот град на Украина соработуваат со агенциите за спроведување на законот, обезбедувајќи ја целата потребна документација.

„Градските власти се заинтересирани за утврдување на вистината и сметаат на објективна и непристрасна истрага“, нагласи Кличко.

Според него, одлуките за прашањата за земјиштето биле донесени во согласност со прописите и биле поддржани од претставници на сите политички партии застапени во Градскиот совет на Киев, пренесува Танјуг.

Би можело да ве интересира

Русија е подготвена за разговори за Украина

Зеленски: Подготвен сум за договор со САД за ретките метали

„Дејли мејл“ го објави целиот план на Трамп за мир во Украина

Горан Наумовски

САД: Мала е можноста Украина да влезе во НАТО или да добие нуклеарно оружје

Горан Наумовски

Русија спречи напад на Украина во областа Курск

Русите ја преминаа границата кај Доњецк