Рускиот кантавтор Вадим Стројкин, кој јавно зборуваше против војната на Путин во Украина, денеска падна од прозорец за време на рација на безбедносните служби во неговиот стан, објави проектот за човекови права ОВД-Инфо.
Според достапните информации, Стројкин почина на местото на настанот, пренесува независниот руски портал „Медуза“.
Руските медиуми јавуваат дека припадници на полицијата го посетиле домот на Стројкин како дел од истрагата против него за наводно финансирање на вооружените сили на Украина.
Според руските медиуми, за време на сослушувањето Стројкин побарал да оди во друга соба, каде брзо го отворил прозорецот и скокнал надвор.
„Во текот на истрагата, човекот најде изговор да отиде во друга соба, каде брзо го отвори прозорецот и презеде неповратна акција“, велат руски извори сугерирајќи дека се работи за самоубиство.
Рускиот истражен комитет отвори официјална истрага за околностите на смртта на Стројкин, јавуваат медиумите.
Стројкин јавно ја критикуваше руската инвазија на Украина. Во 2022 година, тој објави порака на социјалната мрежа ВКонтакте, во која се спротивстави на војната иницирана од Кремљ.