Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека нема да има преодни, експертски или кризни влади и дека неговиот предлог е да се формира нова влада по оставката на премиерот Милош Вучевиќ, оценувајќи дека е подобро да се избегнат предвремени избори.
Дачиќ за ТВ Прва изјави дека треба да има регуларност во однос на мандатите на важните институции како законодавната и извршната власт и истакна дека парламентарното мнозинство не е загрозено и дека може да формира нова влада.
Тој оцени дека опозицијата, како што рече, нема „ентузијастички“ да ја прифати новата влада и додаде дека е можно да има попречување на работата на парламентот, како и насилни обиди за загрозување на институциите, но нагласи дека тоа нема да биде пречка за да се формира нова влада.