Црните кутии од авионот на „Американ ерлајнс“ кој се урна во реката Потомак во близина на Вашингтон по судир со воен хеликоптер сега се наоѓаат во лабораториите за испитување на Националниот одбор за безбедност на транспортот (НТСБ).
НТСБ објави дека две црни кутии се извлечени од остатоците на авионот во реката Потомак, објави Си-Ен-Ен.
Членот на НТСБ, Тод Инман, претходно изјави за Ројтерс дека одборот е уверен дека ќе може да ги врати податоците од црните кутии. Во моментот на падот на авионот, еден контролор на летање работел на две позиции во контролната кула, изјавил извор за американската телевизиска мрежа.
Изворот рече дека е невообичаено еден контролор да се справува и со локалниот и со хеликоптерскиот сообраќај.
„Њујорк тајмс“, кој прв ги објави деталите, рече дека внатрешен, прелиминарен извештај на Федералната управа за воздухопловство вели дека немало доволен персонал за времето од денот и обемот на сообраќајот.
Националниот одбор за безбедност на транспортот започна истрага и ќе разгледа широк спектар на потенцијални причини за судирот. Владиниот извор запознаен со истрагата изјави за Си-Ен-Ен дека надзорникот на контролната кула на аеродромот донел одлука да ги комбинира двете контролни улоги во средата навечер, што тие можат да го направат по нивна дискреција кога обемот на воздушниот сообраќај е слаб.
Изворот рече дека нема недостиг од персонал во контролната кула. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека никој не ја преживеал несреќата. Досега се пронајдени најмалку 40 тела. Во авионот имало 64 лица, а во воениот хеликоптер тројца.