Израелските власти денеска потврдија дека добиле список со имињата на тројцата заложници кои утре ќе бидат ослободени од Појасот Газа.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека имињата на заложниците ќе бидат објавени откако нивните семејства ќе бидат известени, објави „Тајмс оф Израел“.
Израел претходно оваа недела објави дека војникот Агам Бергер и Арбел Јехуд, чијшто цивилен статус беше спорно прашање, ќе бидат ослободени заедно со трет неименуван заложник.
Американските медиуми наведуваат дека се очекува третиот заложник да биде американско-израелскиот двоен државјанин Кит Сигел, но тоа не е потврдено, пишува израелскиот весник.
Досега, во согласност со договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободени се седум заложници, меѓу кои тројца цивили и четворица војници на израелската армија, кои беа киднапирани од Хамас на 7 октомври 2023 година.