Брајан Фенеси, началникот на противпожарната служба во округот Оринџ, Калифорнија, со помош на пиво и млеко спасил две куќи од пожарот во населбата Итон во близина на Лос Анџелес, јавуваат американските медиуми.
Фенеси бил во контакт со пријателите и неговиот брат кои имаат домови во областа загрозена од шумски пожари и им рекол дека немаат за што да се грижат, објави телевизијата ABC.
Неколку часа подоцна пожарот стигнал до населбата, а Фенеси не можел да стигне до својот брат.
„Неговиот телефон престана да работи, се плашев од најлошото. Мислев дека треба да одам таму“, рече тој, додавајќи дека неговиот брат потоа го контактирал и рекол дека е безбедно евакуиран со семејството.
Фенеси вели дека решил да оди и да ја провери куќата на неговиот брат.
Она што го нашол беше целосен кошмар, а улиците што ги знаеше се непрепознатливи, сè беше уништено.
Како што додаде, се шокирал кога видел дека куќата на неговиот брат и пријателот се уште стои, додека околните веќе гореле. Прво сакал да ги елиминира запаливите материјали како што е гасот, но вентилот веќе почнал да се топи.
Фенеси успеал да најде црево, но бидејќи немало вода влегол во куќата барајќи нешто да го излади вентилот за гас. Во фрижидерот нашол млеко и неколку пива кои ги истурил и го изладил вентилот и го затворил.
Тој вели дека тоа било доволно за да не се запали и да експлодира гасот, а тие две куќи се единствените во целиот блок што не изгореле.
„Ова е нашата нова реалност и мислам дека ќе има се повеќе вакви урбани пожари“, заклучи Фенеси.