Силвио Берлускони повторно и го сврте вниманието на јавноста, откако на телевизискиот канал „Ла 7“, беше емитуван запис од телефонски разговор, на кој се слушаат обвиненија кои поранешниот италијански премиер ги изнесе на сметка на претседателот Џорџо Наполитано.
Во тонскиот запис, Берлускони вели дека му било речено дека Наполитано во голема мерка го искористил своето влијание над италијанскиот апелационен суд по повод случајот за медиумската империја на поранешниот премиер.
Според неговите зборови Наполитано го повикал судот за да ја дознае пресудата, пред да биде објавена, а потоа му наложил на судот да се состане и да изрече построга казна.
Записот предизвика остри реакции кај осумдесет и осумгодишниот Наполитано, кој што во соопштение наведе дека она што Берлускони го рекол, претставува само уште еден делиричен, вулгарен и клеветнички изум, вперен против шефот на државата.
Според адвокатот на Берлускони со емитување на снимката се прекршени италијанските уставни принципи, пренесе „Ројтерс“. На почеток месецов апелациониот суд и наложи на семејната компанија на Берлускони “Фининвест”, да плати 494 милиони евра на компанијата “ЦИР”, поради корупција во текот на купување на издавачката куќа “Мондадори”, што се смета за клучен чекор во создавање на неговата медиумска империја.
Берлускони е осуден на забрана на извршување на јавни функции и на четири години затвор поради затајување на данок. Казната врз основа на законот за амнестија, е намалена на три години.
Меѓутоа според новиот италијански закон, секој кој што е осуден на повеќе од две години затвор нема право да се кандидира во парламент. Против поранешниот претседател на владата се водат уште две постапки, едната поради однос со малолетна проститутка, а другата поради злоупотреба на службената положба додека бил на таа висока функција.
Берлускони, најверојатно поради старост, затворската казна ќе ја отслужи во домашен притвор или во општествено корисна работа, додава „Ројтерс“.
Италијанскиот премиер Енрико Лета, пред два дена изјави дека од парламентот ќе побара да гласа за доверба на неговата коалициона влада, бидејќи Берлускони ги повлекол министрите од својата партија „Народот на слободата“ од кабинетот.
Наполитано претходно изјави дека парламентот ќе биде распуштен само во случај да нема никаква друга алтернатива, а некогашниот премиер Берлускони повика на што поскоро одржување на парламентарни избори.
Според оценките на италијанските аналитичари, дека Берлускони се подготвува за нови избори, сведочи и неодамнешното преименување на партијата НС во партија „Напред Италија“.
Од друга страна, Наполитано и водечките стопанственици и економисти сметаат дека вонредни избори за помалку од година дена од последните, се крајно непожелни.
Елена Георгиевска