Американскиот претседател Барак Обама ја предупреди Републиканската партија да не дозволи “една фракција“ во партијата да запре изгласување на буџетот и да предизвика блокада на Владата.
Во обраќање до нацијата со остар тон ги критикуваше републиканците со оцена дека не можат да изнудуваат решение кога не се задоволни со законски предлог.
Во рамки на Републиканската партија, конзервативното крило кое го предводат конгресмени и сенатори не сакаат никаков компромис со демократите за законот за здравствено осигурување чие финансирање сакаат да го отфрлат од предложениот буџет.
Обама наведе дека со финансиската блокада се загрозува економското опоравување на државата и ќе предизвика штети за обипчните луѓе.
– Федералните канцеларии ќе бидат затворени, ќе доцнат платите, ќе бидат загрозени кредитни програми, националните паркови нема да работат, потенцира американскиот претседател.
Обама, барањето на републиканците да се одложи на една година финансирањето на законот за здравствена заштита го нарече „многу неодговорно“.