Најмалку пет лица загинаа во снежното невреме кое зафати голем дел од Соединетите Американски Држави. Седум американски држави прогласија вонредна состојба: Мериленд, Вирџинија, Западна Вирџинија, Канзас, Мисури, Кентаки и Арканзас, пишува Би-Би-Си.
Повеќе од 2.300 летови беа откажани, а речиси 9.000 летови беа одложени поради екстремни временски услови. Повеќе од 200.000 луѓе синоќа останаа без струја низ државите погодени од невремето.
Во Вашингтон падна меѓу 13 и 23 сантиметри снег, додека во делови од Мериленд и Вирџинија паднаа и до 30 сантиметри снег.
Во Мисури поради невремето најмалку 365 лица доживеале сообраќајни несреќи на патот, а неколку лица се повредени, додека најмалку едно лице загина.
Во соседниот Канзас, една од најтешко погодените држави, според локалните медиуми, две лица загинаа во сообраќајна несреќа за време на невремето.
Тело било пронајдено вчера во Хјустон пред автобуска станица, соопштија властите.