Случајот меѓу браќата Погба е решен. Матијас, кој сакаше да изнуди 13 милиони евра од сопствениот брат Пол, во Париз е осуден на три години затвор.
Матијас Погба, кој исто така беше фудбалер, се разбира на многу пониско ниво од неговиот брат кој играше за Јувентус и Манчестер Јунајтед, доби две години условна казна од вкупната казна, додека една година ќе треба да одлежи со електронски нанолег на дома.
Исто така, поради организирање криминална банда и изнуда, како што се наведува, ќе треба да плати 20.000 евра.
Матијас беше уапсен од полицијата за прв пат во септември 2022 година за обид да го изнуди својот попознат брат, два месеци беше во затвор, а по ослободувањето му беше забрането да се приближува до мајка си и Пол.
Покрај него, за изнуда, киднапирање и злосторничко здружување се осудени уште пет лица, а сите се пријатели или познаници на француската ѕвезда, која моментално е без ангажман.
Пол Погба неодамна го раскина договорот со Јувентус по допинг скандалот и се споменува дека кариерата би можел да ја продолжи во Бразил.