Се е подготвено за утрешниот старт на мерката новогодишна кошничка која треба на граѓаните да им донесе производи со пониски цени од минимум 10 проценти, уверува Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд. Бројката на производи кои влегуваат во „Новогодишната кошничка“ се очекува да достигне дури 1000.
– Со почетокот на мерката „Новогодишна кошничка“ очекуваме бројот на производи да достигне преку 1000. Оваа општествено одговорна акција произлезе од компаниите и маркетите, а ние како Министерство и Влада ја поддржавме. Опфатени се преку 80 компании, изјави Ристески денеска во Прилеп.
Тој ги повика граѓаните и синдикатите и тие со инспекторатот да вршат своевиден мониторинг на цените на производите и да ја пријават секоја неправилност.
-Ги повикувам граѓаните, синдикатите заедно со пазарниот инспекторат кој ќе биде постојано на терен, да следат и да се уверат дека производите во кошничката се намалени најмалку 10 проценти од најниската цена од претходниот месец пред да започне акцијата. Така што, не верувам дека има некои изигрувања, зашто компаниите и маркетите ја понудија оваа акција и не верувам дека самите ќе ја изиграат. Во новогодишната кошничка се опфатени месо и месни производи, млеко и млечни производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци, риба, пекарски производи, тестенини, кондиторски производи, овошје, зеленчук. Овие производи опфатени со мерката ќе се продаваат на преку 300 пунктови во сите градови во земјава. Очекуваме овие новогодишни празници граѓаните да ги поминат со пониски цени и да заштедат во домашниот буџет, вели тој.
Ристески објаснува дека од кошничката се изоставени маслото шеќерот, кафето и какаото за да не им се направеле големи штети на компаниите.
– Овие производи не ги ставивме во мерката зашто не сакавме да им наштетиме на компаниите кои зависат од домашниот пазар, но и од цените на суровините на светските берзи, кои во моментов се многу зголемени. Но, има и одговорни компании кои и на овие изземени производи дадоа одредени попусти, нагласува заменик министерот.
Мерката ќе трае од 15 декември до 15 јануари.