Кина распоредува голем број бродови околу Тајван

Од:

Кина ја распоредува својата најголема поморска флота во регионалните води како никогаш до сега во последните речиси три децении, а заканата за Тајван е поизразена отколку во случајот со претходните кинески воени вежби, соопшти денеска тајванското Министерство за одбрана.


Портпаролот на Министерството за одбрана Сун Ли-Фанг во Тајпеј рече дека обемот на сегашното распоредување на кинеската морнарица во областа што се протега од јужните јапонски острови до Јужното Кинеско Море е најголема откако Кина одржа воени вежби околу Тајван пред претседателските избори во Тајван во 1996 година.

Кинеската војска се уште не коментирала ниту потврдила дека спроведува некакви вежби.

Кина, која тврди дека демократскиот Тајван е нејзина територија, се очекуваше да ги започне вежбите за да го изрази гневот поради турнејата на претседателот Лаи Чинг-те кон Пацификот, која заврши во петокот и ги вклучи Хаваите и американската територија Гуам.

Војската на Тајван вчера го вклучи алармот откако соопшти дека Кина го „резервирала“ воздушниот простор и распоредила бродови на морнарицата и крајбрежната стража.

Високиот разузнавач на министерството Хсиех Јих Шенг рече дека досега немало вежби со жив оган во седумте „резервирани“ зони на воздушниот простор на Кина, од кои две се во Тајванскиот теснец, но дека имало значително зголемување на кинеската активност северно од Тајван во текот на изминатиот ден.

„Бројот на бродови на кинеската морнарица и крајбрежна стража во регионот, за кои тајвански безбедносен извор изјави за Ројтерс, остануваат околу 90, е многу алармантен. Кина цели на други земји во регионот, не само на Тајван“, додаде тој.

„Кинеското распоредување во првиот островски синџир, кој минува од Јапонија преку Тајван, Филипините и до Борнео затворајќи ги крајбрежните мориња на Кина, има за цел да ја затвори областа за да спречи мешање од странски сили“, рече Хсиех.

Министерството соопшти дека кинеската морнарица гради два „ѕида“ во Пацификот, еден на источниот крај на зоната за воздушна одбрана на Тајван, а другиот подалеку во Пацификот.

„Со овие два „ѕида“ тие испраќаат многу едноставна порака: тие се обидуваат да го направат Тајванскиот теснец внатрешно кинеско море“, рече Хсиех.

Претходно во вторникот, тајванското Министерство за одбрана соопшти дека открило 47 воени авиони кои летаат околу островот во изминатите 24 часа, како и 12 бродови на морнарицата и девет „официјални“ бродови, што се однесува на бродови кои наводно припаѓаат на цивилни агенции.

Висок тајвански безбедносен извор изјави за Ројтерс дека кинеските авиони симулирале напади врз бродови на странска морнарица и вежбале одвраќање воени и цивилни авиони како дел од „вежбата за блокада“.

Кина вели дека проблемот со Тајван е „срж на нејзините фундаментални интереси“ и црвена линија што САД не треба да ја преминат. Кина досега оваа година одржа две големи воени вежби околу Тајван.

Би можело да ве интересира

Кинескиот министер за одбрана под истрага за корупција

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

Шведската полиција откри кинески брод во близина на можна саботажа на два кабли на Балтикот

На средбата со Бајден, Си оцени: Односите меѓу САД и Кина останаа стабилни

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Кина: Студент со нож убил најмалку осум лица

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Со автомобил влетал во толпа луѓе: 35 загинале, 43 се повредени