Хамад Албалави, шефот на кандидатурата на Саудиска Арабија да биде домаќин на Светското првенство во 2034 година, рече дека Саудиска Арабија постигнала значителен напредок во однос на човековите права за да ги привлече навивачите ширум светот на своите стадиони. Саудиска Арабија е единствениот кандидат за домаќин на Светското првенство во 2034 година, за кое ФИФА ќе гласа следната недела. Сепак, многумина се загрижени за овие избори поради состојбата со човековите права во таа земја.
Албалави рече дека напредокот во човековите права, особено кога станува збор за работата и работничките права, се дел од плановите за економска и социјална трансформација на земјата, обединети во проектот Визија 2030.
„Направивме многу, но ни претстои уште долг пат. Нашето патување започна во 2016 година, но не поради домаќинството на Светското првенство“, изјави Албалави за Ројтерс.
„Покренавме иницијативи благодарение на кои вработените можат слободно да ги менуваат работодавците. Нивните документи сега се поставуваат во владините системи, за да се осигураат дека ги имаат сите права предвидени во договорот“, истакнува Албалави.
„Нашата цел и амбиција е да донесеме повеќе тимови и повеќе навивачи на едно место од кога било досега“, додаде Албалави.
Амнести интернешенел минатиот месец ја повика ФИФА да го запре процесот на избор на Саудиска Арабија за домаќин на турнирот на најдобрите фудбалски репрезентации, доколку пред гласањето не се случат големи реформи во областа на човековите права.
Албалави уверува дека Светското првенство ќе се игра во безбедна и семејна средина. Посетителите, посочува, ќе уживаат исто и внатре и надвор од стадионот, без разлика што нема да има продажба на алкохол, како што не беше случај на Светското првенство пред две години, чиј домаќин беше соседен Катар.
„Организиравме над сто спортски настани и турнири во Саудиска Арабија. Иако не се служеше алкохол, околу три милиони навивачи дојдоа да уживаат во натпреварите, а многу од нив со задоволство се враќаат, нагласи тој.
Тој, исто така, го истакна подемот на женскиот фудбал како пример за развојот и социјалните промени низ кои поминува земјата од Блискиот Исток.
Пред три години немаше девојчиња кои играа фудбал на училиште бидејќи немаше услови за тоа. Денес, по изградбата на потребните објекти, повеќе од 80 илјади девојки играат фудбал.