Поранешниот министер за градежништво на Србија, Горан Весиќ, кој е еден од приведените поради несреќата во Нови Сад, утринава од притвор е префрлен на лекување во Институтот во Сремска Каменица, откако неколкудневниот штрајк со глад му предизвикал нагло влошување во здравствената состојба.
По преглед од страна на специјалист, со одобрение на судијата за претходна постапка, поранешниот министер е задржан на Oдделението за коронарна интензивна нега.
Весиќ е во притвор со уште 11 лица поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад во која по пад на натстрешницата загинаа 15 лица, а две други се тешко повредени.
Вишиот суд во Нови Сад на 23 ноември му одреди 30-дневен притвор на Весиќ, како и на поранешниот директор на „Железничка инфраструктура на Србија“, Небојша Шурлан.
Куќен притвор со електронски мониторинг добија поранешната в.д. директорка на „Железничка инфраструктура“, Јелена Танасковиќ, како и помошник-министерот за железнички транспорт Анита Димовски.