Пратениците на власта и опозицијата денеска се степаа на седницата на српскиот Парламент на која се расправа за буџетот за следната година. Се започна кога ги извадија транспарентите, а заврши со физичка пресметка, по што претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ даде пауза.
Опозиционерите извадија транспаренти на кои пишуваше „Рацете ви се крвави“. Претставниците на власта беа подготвени, па како контрамерка извадија транспаренти на кои пишуваше „Жолти ѓубриња, корупција и кражба ви е средно име“.
Тогаш во еден момент Радомир Лазовиќ се доближи до делот од салата каде седат претседателката и членовите на Владата и почна да лепи транспаренти на местата каде што седат.
Ова не му се допадна на министерот за здравство Златибор Лончар, кој ја тргна лепената хартија, додека Брнабиќ се обиде да ја смири ситуацијата и апелираше до членовите на Владата да седнат во своите фотелји.
-Ги молам членовите на владата да седнат во своите фотелји, нека си ја завршат работата – извика Брнабиќ.
Но, тоа не вроди со плод, па Брнабиќ го повика обезбедувањето да реагира, по што настана општа гужва во Собранието.
Во салата започна општо туркање, се влечеа ревери, паднаа и шлаканици, а во првите редови беа Радомир Лазовиќ, Драган Ѓилас, Владимир Ѓукановиќ, Душан Бајатовиќ.
Предвидено е да се расправа за Предлог-буџетот за 2025 година и пропратните закони, а на дневен ред на седницата има околу 50 точки.