Материјални докази ќе ја потврдат поврзаностана на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, велат обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска.
Обвинителките првпат дадоа изјава за јавноста од почетокот на судењето, го коментираа тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишев. Тој достави нова изјава во која наведува дека Палчо не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата.
– Изјавата на Кешишев во оваа фаза на постапката нема доказна вредност согласно Законот за кривична постапка. И тој и другите обвинети на крајот од судската постапка ќе имаат право да дадат своја одбрана која ќе биде подложена на прашања од двете страни и на Обвинителството и на одбраната, и би требало да се разјаснат сите околности. Обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението, рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.
Според обвинението, Кешишев ја однел полицијата до местото каде биле закопани жртвите и претходно изјавил дека Палчо е сторителот.
Судењето продолжува со испитување на сведоци предложени од обвинителството, а потоа ќе се разгледуваат материјалните докази кои треба да ја утврдат вината на обвинетите.