Во рамки на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“, синоќа во Домот на културата во Македонска Каменица беа промовирани делови од македонскиот превод на „Часослов“ од Јаков од Камена Река, кој се смета за прв македонски печатар.
На изложбата по повод промоцијата, пред присутните беа претставени четириесетина панели со репродукции од оригиналниот текст и компјутерска адаптација на преведениот текст од делото кое било испечатено во 1566 година во Венеција.
Преводот од црковнословенски на македонски е на епископот делчевско-каменички г. Марко, а дизајнот и типографијата ги направи Ласко Џуровски, кој креираше фонт на македонска кирилица што е најсоодветен до глаголицата.
– Работењето на овој проект беше исклучителна чест, и народски кажано со многу ќеиф пристапив кон оваа работа. Задоволни сме од резултатот што го добивме, секако со поддршка од владиката Марко, на некој начин го оживеавме „Часословот“ и тоа може да се види на претставените панели. Тие паѓаат од паноата, што значи дека се живи и како да сакаат испратат порака – не само да бидат поставени овде, туку да излезат надвор, светот да ги види, да покажеме што имаме. Сите да дознаат какви се и каде се нашите корени, затоа што имаме факти и ве поканувам ова да го претставиме секаде во светот, за сите да видат кои сме и кон што тежнееме, односно дека не сме дрво без корен, туку сме дрво со длабоки корени, истакна Џуровски.
Епископот делчевско-каменички г. Марко ја истакна важноста што печатениот „Часослов“ ја имал за развојот на македонската писмена култура, а преку преводот и соодветната типографија е достапен за денешните и идните генерации.
Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ годинава се одржува по втор пат, организатор е здружението „Надеж“ со поддршка од културно-информативниот центар „Романса“ и Општина Македонска Каменица.