Пензионираниот италијански голман Џанлуиџи Буфон (46) во интервју за „Кориере дела сера“ призна дека е зависник од обложување. Сепак, за разлика од многу негови сонародници, тој никогаш не се обложувал на фудбал, туку играл на тенис и кошарка.
– За некои тоа е порок, но за мене беше адреналин. Во едно сум сигурен, никогаш не сум направил ништо незаконско. Всушност, никогаш не сум бил под истрага ниту пак сум добил опомена. Моето обложување го ограничив само на кошарка и тенис – изјави Буфон кој моментно ја промовира својата биографија „Џанлуиџи Буфон, падни – стани, падни – стани“.
Толку разум не покажа италијанскиот фудбалски ас, Сандро Тонали (24) кој се обложувал на фудбалски натпревари, вклучувајќи ги и оние на кои учествувал тој и неговиот тим.
Покрај обложувањето имал проблеми и со коцкањето од кое се одвикнал. Заедничката истрага на англиската и италијанската фудбалска асоцијација ги разоткри овие дејствија, во кои беа вклучени играчот од средниот ред на Јувентус, Николо Фаџоли (23) и играчот од средниот ред на Аталанта, Николо Заниоло (25), меѓутоа, Тонали, кој му се врати на фудбалот на почетокот на оваа сезона, настрада најтешко, по одлежувањето на десетмесечната суспензија изречена од Англиската фудбалска асоцијација.
Буфон призна и дека побарал стручна помош поради депресија.
– Одбив лек. Ми требаа, но се плашев да не станам зависен од нив. Само три-четири пати го посетив докторот, но тој ми даде вреден совет: негувајте други интереси, не се фокусирајте исклучиво на фудбалот. Тогаш го открив сликарството – изјави трофејниот голман, кој денеска работи во стручниот штаб на италијанската фудбалска репрезентација.