Натпреварот од Лигата на нации меѓу репрезентацијата на Романија и селекцијата на Косово најверојатно ќе биде регистриран со службен резултат во корист на домаќините.
Breaking | Kosovo abandoned the game one hour after they left the pitch im Bucharest. Final whistle from the Danish ref. pic.twitter.com/j96Zj6rYCP
— Emanuel Roşu (@Emishor) November 15, 2024
Тоа треба да биде епилогот на хаотичните сцени кон самиот крај на мечот кој не беше довршен бидејќи гостинските фудбалери револтирани од извиците „Србија, Србија“ од трибините и постојаните провокации во текот на играта го напуштија теренот во 90+3. минута.
Резултатот во тој момент беше нерешен, без голови.
Еден час имаше неизвесност дали гостите ќе се вратат на теренот.
На крајот тоа не го направија, бидејќи таборот на таа селекција оцени дека не се воспоставени безбедносните услови за такво нешто, а натпреварот заврши без нивно присуство на теренот.
Данскиот судија Мортен Крог пред да го означи крајот на натпреварот залудно се обидуваше да ги убеди гостите дека немаат за што да се грижат, бидејќи во меѓувреме најкритичниот дел од трибините, со ултрас групите, што им направи најмногу проблеми, беше испразнет. Дури и искусниот селектор на Романија, Мирчеа Луческу долго време се обидуваше да го убеди својот колега од другата страна, Франко Фода, да ги врати играчите на теренот, да го приведе натпреварот до крај.
Не вредеше.
Според некои информации од романска страна, намерата на гостите била да остварат победа на „зелената маса“ со тоа што не се враќаат на теренот под изговор дека не се чувствуваат сигурни.
Сепак, судиите и делегатот немаа таква оценка за ситуацијата, па побараа гостите да се вратат на теренот, што не сакаа да го направат.
Епилогот на целиот хаос ќе биде победата на Романците и потврдата на првото место во групата, како и преминот во повисок ранг од Лигата на нации.