Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска не одржа седница откако нејзината претседателка, Илире Даути, не го прифати предлогот на пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ дневниот ред да се дополни со Предлог-закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства.
Даути ја прекина седницата, како што рече „бидејќи нема разбирање“ и рече дека за нејзиното одржување дополнително ќе биде соопштено.
-Вие повторно барате да се стави точката на дневен ред, но ние имаме сосема различни ставови. Тоа е политичка тема, треба сите страни да се инволвираат за да се разгледа. Имаме заедничка држава и имавме мото „Едно општество за сите“. Но, лошото е што вие не разбирате дека борците на ОНА треба да се третираат на ист начин како што предлагате во овој закон. Таа дебата не е за тука, туку за друго место, рече Даути.
Тренчевска реплицираше дека точката што ја предлага треба да се стави на дневен ред за да може да се дискутира за различните ставови.
-Никој не ви пречи и согласно Деловникот имате право да поднесувате и вие предлог-закон за вашите ставови. Тоа е став на Социјалдемократскиот сојуз и го поднесовме овој Предлог-закон, а вие имате обврска, согласно Деловникот, да го ставите на гласање како дополнителна точка на дневниот ред, рече Тренчевска.
На дневен ред на Комисијата за социјална политика, демографија и млади имаше две точки: Финансиски план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2025 година и Предлог-одлука за согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2025 година, во второ читање.