Џез триото АУМ (AUM) е формирано во 2024 година. Со својата авторска музика ги исполнува и преминува стандардните рамки на фри џез, дум џез и современа класична музика. Како звук, зборот „АУМ“ е синоним за почетокот на Универзумот, за првиот космички звук од кој потекнува креацијата на нашата реалност. Триото АУМ со своите оригинални теми и слободни импровизации, создава уметничко искуство што ги спојува редот и хаосот, претставувајќи израз на неограничената креативност во музиката. Овој настап е планиран да биде снимен со аудио и видео, како би се продуцирал и издал и првиот албум на АУМ со име „АУМ – во живо, КИЦ 2024“ („AUM – live in KIC 2024”).
Триото е составено од Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Драган Теодосиев (тапани). Членовите на триото се дел од повеќе состави кои редовно настапуваат на концерти и фестивали, а зад себе имаат оставено многубројни ЦД изданија кои се високо рангирани на светски ранг листи. Некои од другите состави во кои тие учествуваат се: Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit, Shock Troopers, како и многу различни формации како дел од проектите „Impromptu Meetings“ и „Џез за чудаци“.
Благојче, Драган и Константин се активни џез музичари на македонската и на европската сцена и често настапуваат на домашни и странски фестивали и концерти. Меѓу највлијателните се издвојуваат „Скопје Џез Фестивал“, „Пин Конференција“ и „MENT Ljubljana“ на кои настапуваат веќе неколку пати во различни состави. Драган Теодосиев ја добива наградата „Златен Орикс“ за најдобар џез музичар во 2023та година, доделена од Скопскиот Џез Фестивал.