Македонската Влада останува посветена на реализација на проектите што се спроведуваат со поддршка на Светска банка и можност за што поголем опфат од одобрената Рамка за партнерство којашто е во износ од околу 700 милиони американски долари. Поддршката од СБ има континуитет и таа ќе продолжи и во наредниот период, а значи поддршка за развојната агенда на земјата. Ова беше истакнато на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Светската банка со потпретседателката на оваа институција Антонела Басани, извршниот директор Јуџин Ругенат, како и со директорката за Западен Балкан – Шиаочин Ју.
„Спроведување на реформите со поддршка на Светска банка е континуиран процес и тој ќе продолжи и во наредниот период. Во моментов се спроведуваат 10 проекти чиј износ е над 460 милиони американски долари и тие за Македонија значат подобрување на општинската локална инфраструктура, изградба и реконструкција на патишта, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор, основното образование и јавната администрација. Реформите ќе продолжат и во наредниот период преку имплементација на Рамката за партнерство 2024-2028 со фокус на подобар квалитет на испорака на јавни услуги, зголемување на продуктивноста на работните места во приватниот сектор, како и зголемена отпорност на климата“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека се преземаат активности за зајакнување на капацитетите на институциите за поголема апсорбција и имплементација на проектите за кои се одобрените средства од меѓународните финансиски институции, вклучително и од Светската банка.
На средбата беше потенцирана важноста од континуираната поддршка што ја дава Групацијата на Светска банка за реформите во РС Македонија, а коишто се поткрепа на политиките на новата Влада за создавање здрава основа за обезбедување макроекономска стабилност и забрзан економски раст.