На бомбашот самоубиец му помогнала жена за да го изведе нападот во Бургас, во кој загинаа петмина израелски туристи и возачот, пренесува АФП.
Бомбашот, вели локална бугарска телевизија, влегол во Бугарија од Романија, и во Варна го минал денот пред нападот. Во хотелот, каде отседнал има „биолошки“ докази.
Весникот „Троу“, објави дека полицијата е по потрага по жената со која бомбашот отседнал во хотел. Таксист изјавил дека ден пред нападот, го возел бомбашот и дека зборувал руски.
Бугарските власти одбиваат да коментираат, велејќи дека истрагата е во тек. Полицијата претходно соопшти дека бомбашот, најверојатно има околу 36 години, дека имал лажна американска возачка дозвола и дека немал бугарско државјанство.
Израел го обвини Иран и неговиот „терористички сојузник“ Хезболах, дека го извел нападот во Бургас, во кој загинаа петмина израелски туристи и возачот на автобусот. Официјален Техеран го отфрли обвинувањето.
За да го разнесе автобусот, бомбашот-самоубиец употребил 3 килограми експлозив-тротил.