Рускиот претседател Владимир Путин денеска не ги демантираше американските тврдења дека Северна Кореја испратила свои војници во Русија, но рече дека Москва треба да одлучи како ќе го спроведе одбранбениот договор со Пјонгјанг и го обвини Западот за ескалација на војната во Украина.
САД вчера објавија дека постојат докази дека Северна Кореја испратила околу 3.000 војници во Русија кои би можеле да бидат распоредени во Украина, што Западот би го видел како значајна ескалација на војната во Украина.
На прашањето на новинарите за сателитски снимки на кои се гледа движењето на севернокорејските војници, Путин одговори дека „фотографиите се сериозна работа“.
„Ако има фотографии, тие кажуваат нешто“, рече Путин.
Сепак, тој веднаш додаде дека офицерите и инструкторите на НАТО се директно вклучени во војната во Украина и дека Западот е тој што ја ескалирал украинската криза.
„Знаеме кој е присутен таму, од кои земји од ЕУ и НАТО и како го прават тоа“, рече Путин.