Најмалку 100 лица загинаа во поплавите во Непал, додека 67 лица се водат како исчезнати, јавија денеска локалните медиуми.
Поради лизгање на земјиштето и поплавите предизвикани од дводневните обилни врнежи во оваа хималајска земја, локалните власти наредија тридневно затворање на училиштата, пренесува Ројтерс.
Поплавите го парализираа сообраќајот и секојдневните активности во долината Катманду, а три автопати, вклучително и клучниот пат Притви што го поврзува Катманду со остатокот од земјата, се блокирани од лизгање на земјиштето, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Непал, Риширам Тивари.
„Автобускиот сообраќај на патиштата е забранет, а на возачите им се советува да не излегуваат на пат“, рече Тивари, пренесе АП.
Делови од Катманду беа целосно поплавени, како и многу куќи, поради што жителите беа принудени да се засолнат на повисоките катови од нивните станбени згради, а непалските безбедносни сили беа ставени во состојба на готовност.