Израелската разузнавачка служба Мосад поставила мала количина експлозив во 5.000 пејџери од тајванско производство, нарачани од либанската група Хезболах неколку месеци пред детонациите во вторникот, објави Ројтерс, цитирајќи неименувани либански извори.
Се чини дека заговорот траел со месеци, изјавиле за британската агенција неколку извори.
Либански безбедносен извор рече дека Хезболах нарачал 5.000 пејџери направени од тајванскиот Gold Apollo, а неколку други извори рекоа дека тие биле доставени до земјата на почетокот на оваа година.
Еден извор идентификуваше фотографија од модел на пејџер, AP924, кој како и другите пејџери безжично прима и прикажува текстуални пораки, но не обезбедува телефонска услуга.
Борците на Хезболах користат пејџери како ниско-технолошки средства за комуникација во обид да избегнат израелско следење на локациите на мобилните телефони, изјавија за Ројтерс два извори запознаени со операциите на групата.
Висок либански извор тврди дека Мосад ги модифицирал уредите „на ниво на производство“.
„Мосад вметнал табла во направата која има експлозивен материјал што добива шифра. Многу е тешко да се открие на кој било начин. Дури и со кој било уред или скенер“, вели неименуваниот извор.
Изворот рече дека 3.000 пејџери експлодирале кога им била испратена шифрирана порака, истовремено активирајќи го експлозивот, а друг безбедносен извор изјавил за Ројтерс дека во новите пејџери биле скриени до три грама експлозив.
Во вторникот во 15.30 часот по локално време во Либан, корисниците на пејџер добија порака која се чини дека доаѓа од раководството на Хезболах, пишува Њујорк Тајмс.
Уредите беа програмирани да дадат звучен сигнал неколку секунди пред да експлодираат.