Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс изјави дека Западот не треба да се плаши од руските закани за употреба на нуклеарно оружје и најави нови предлози за прекин на огнот во Појасот Газа во следните неколку дена.
Ова го изјави во саботата, каде придружуван од шефот на британскиот МИ6 Ричард Мор присуствуваше на настан организиран од Фајненшл тајмс во Лондон.
Одговарајќи на прашањето дали Вашингтон и другите западни престолнини би биле позагрижени за ескалација на војната доколку на Украина и се дозволи да користи ракети со долг дострел на територијата на Русија, Барнс посочи дека ризикот од ескалација не треба да се сфаќа лесно, но дека нема причина за страв.
„Путин е насилник. Ќе продолжи да штрака со оружјето, одвреме-навреме. Не можеме да дозволиме да бидеме исплашени. САД и дадоа огромна поддршка на Украина и сигурен сум дека претседателот ќе разгледа други начини на кои можеме да ги поддржиме“, рече шефот на ЦИА.
Барнс рече дека САД ги игнорирале руските закани за употреба на нуклеарни бомби во есента 2022 година, кога руските сили беа принудени да го напуштат Херсон, но набргу потоа беше формирана линија на фронтот, пишува Гардијан.