Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Од:

Со традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2024 година француски поет Жан-Пјер Симеон, во црквата „Света Софија“ во Охрид, вечер продолжува 63. издание на Меѓународната поетска манифестација.

Во рамките на програмата се поетските читања во манастирскиот комплекс „Калишта“, поетски портрет на Бенгт Берг и промоција на изборот поезија, како и претставување на добитникот на наградата „Стојан Христов“ за 2023 година.

На Струшките вечери на поезијата синоќа беа претставени портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова.

Добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, за најдобра поетска книга помеѓу две фестивалски изданија, академик Ќулавкова, истакна дека книгата „Небото ми е дома“ е пишувана подолго време, но, според неа, е свесно устроена како целина последниве три години.

– Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата „Браќа Миладиновци“ за книгата „Жедби“, со поднаслов „Престапни песни“. Таа година ми се роди синот Васил. Оваа 2024 година, по втор пат ја добив наградата, сега за книгата „Небото ми е дома“. Првиот циклус од книгата „Жедби“, посветен на небесните работи, прерасна во книга. Оваа година добив внук од син ми, Марин. Има некоја нежна лична симболика во исцртувањето на овој творечки круг. Ако не друго, таа покажува дека творештвото има видлива и невидлива логика на синхроницитет со животот и биографијата на авторот. И дека радоста не доаѓа сама. И дека може да ја засени тагата, рече Ќулавкова.

За добитничката на наградата „Мостови на Струга“ Катрин Пиц, говореше професорот Владимир Мартиновски, кој истакна дека лириката на Пиц е суштински поврзана со поетското преиспитување на настаните од секојдневјето, на деновите во кои се случило нешто вредно за паметење.

– Во импресивнта поетска листа на 20 добитници на престижната меѓународна награда „Мостови на Струга”, која од пред точно две децении (т.е. од 2004 година), СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра поетска збирка од поет-дебитант од светот по пат на меѓународен конкурс, годинава се придружува германската поетеса и преведувачка Пиц за нејзината поетска книга „Вакви денови имало отсекогаш“, потенцираше Мартиновски.

За добитничката, пак, за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, говореше македонската поетеса Виолета Танчева – Златева, која истакна дека Попова смело ги кажува работите со нивните вистински имиња и дека отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време.

– Дебитантската поетска книга „Скршен терариум“ е силна потврда на ставот на Тарковски за поезијата. Филипа Сара Попова потпивнува од својот немир додека ги брои вдишувањата на самракот, ни се насмевнува од зад слоговите, ја буди заспаната совест со избрани зборови, поставува прашања во стиховите и меѓу редовите, ни ја глочка свеста како зрнца песок заглавени на дното на самотијата, рече Танчева-Златева.

Струшките вечери на поезијата завршуваат утре со манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“„Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, “,Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање