Огромен број повици биле добиени денеска на телефонот за специјални јавувања на австралиските спасувачки служби. Стотици локални жители се пожалиле од добиените СМС пораки, во кои им се закануваат со убиство.
Непознат испраќач на пораките тврди дека добил задача да го убие соодветниот корисник на телефонот и дека убиството веќе било платено. За да си го спасат својот живот луѓето треба за 48 часа да се поврзат со убиецот, користејќи ја наведената електронска адреса, и да платат откуп во износ од 5.000 долари.
Според полицијата вакви пораки добиле неколку стотина жители на Сиднеј, Бризбејн, Аделаида и други австралиски градови. Полицијата соопшти дека активно врши истрага за случајот, барајќи го изворот на СМС пораките.
Портпарол на полицијата во државата Нов Јужен Велс изјави дека сигурно станува збор за измама и побара од луѓето да не се плашат за сопствениот живот, едноставно да ја избришат пораката и „во ниту еден случај да не плаќаат никому никакви пари“.