Тажно е да се гледа катастрофата што се случува со пожарите кои беснеат повеќе од еден месец. Опустошени се 5% од вкупната територија на Македонија! Горат македонските шуми и национални паркови. Досега се изгорени над 1.200 километри квадратни шума. Тоа е 16 пати повеќе во споредба со лани! Во Македонски Брод, во околината на селата Брезница и Тажево над 25 дена гори боровата шума на над 5000 хектари. Пожарот се шири кон Јасен а опожарената област е долга над 11 километри, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
– Изгоре и Галичица. Пожарот веќе 10 дена беснее и се префрли на охридската страна на планината. Се уште има активни над 12 пожари според официјалните информации. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ пофтли целосно во справувањето со пожарите и за тоа мора да има одговорност. СДСМ неколку пати апелира дека Тошковски е целосно неспособен да управува со Кризниот штаб и тој мора да поднесе оставка. СДСМ неколку пати апелира Мицкоски сериозно да се насочи кон управување а не ПР, но тој одбива. Бараме итна и неотповиклива оставка на Тошковски и целосна консолидација и фокус на сите институции кон кризата. Бараме конечно одговорност од сите инволвирани!
СДСМ во целиот изминат период, конструктивно и одговорно, не сакаше да ја подгрева тензијата и да ја напаѓа Владата оставајќи ги институциите да работат. Но, состојбата со која се соочуваме е пресериозна и во голема мера последица на неодговорно и ноншалантно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Владата. Одговорен премиер и одговорен министер, при ваква состојба секојдневно ќе бидат во кризниот штаб и ќе управуваат со институциите. Наместо тоа, тие се бават со дневно политички ПР и лажни промоции со цел да ја дефокусираат јавноста. Страшно, жално и крајно незрело е однесувањето на Владата кон целата состојба.
Според нашите инфомрации, лошата координација со воздухопловите и спорото делување на институциите, за што со денови предупредувавмем се покажува како најголемо потфрлање на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи со кој раководи Тошковски. Понатаму, Тошковски потфрла и во превенцијата и во фаќање на оние кои намерно ги подметнуваат пожарите. СДСМ уште еднаш бара Мицкоски да го стави интересот на граѓаните на прво место и Тошковски веднаш да биде сменет. Ова што се случува е недозволиво! Мора побрзо да се делува и да се зголеми ефикасноста на институциите – рече Кузеска.