Бројот на пациентите во Холандија кои починала со медицинска евтаназија, за само една година е зголемен за 13 отсто, потврдија холандските здравствени власти.
Според официјалните податоци, со медицинска евтаназија, односно со лекарска асистенција при самоубиство, минатата година биле усмртени 4.188 пациенти.
Во Холандија уште од 2002 година постои закон кој ја легализира ваквата практика, со користење на поголема доза на лекови за спиење, кои се вбризгуваат во телото на тешко болниот пациент. Во преку 80 отсто од случаите на евтаназија, што се изведени од лекари во домовите на пациентите, станува збор за луѓе со неизлечиви болести и во фаза на неподносливи болки. Најголемиот број од овие луѓе боледувале од канцер.
Податоците на холандските медицински власти покажуваат дека во изминатите десет години, откако е донесен законот, бројот на пациенти кои побарале да бидат усмртени на овој начин е двојно зголемен.
Во првата година по донесувањето на законот, во 2003 година, вкупно 1.626 Холанѓани побарале да го окончаат својот живот со лекарска асистенција, а тој број секоја година постојано расте.
Здравствени експерти проценуваат дека зголемувањето на случаите е последица на воведените мобилни единици за медицинска евтаназија, што се вклучуваат тогаш кога семејниот или матичниот лекар, одбие да ја изврши евтаназијата.
Во ЕУ, евтаназијата е легализирана само во три земји – Холандија, Белгија и Луксембург. Зголемување на ваквите случаи е регистриран во Холандија и Белгија, но не и во Луксембург, каде ваквиот закон е во сила од 2009 година. Во оваа мала земја, од тогаш само 19 пациенти побарале врз нив да се примени медицинска евтаназија.