Во Општина Аеродром денеска е пуштен во употреба реконстрираниот и проширен пат што ги поврзува населбите Горно и Долно Лисиче. Во обновата на патот, во должина од 3,6 километри и ширина од 6 метри, се вложени 24 милиони денари, обезбедени од Европската банка за обнова и развој.
На официјалното пуштање во употреба на патот присуствуваа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски.
Со реконструкцијата на патот, укажа Јанакиески, се исполнува едно од двете клучни барања на жителите на населбите Горно и Долно Лисиче, но е и исполнување на ветувањето од програмата на градоначалникот.
– По патот претходно не можеше да се движат автомобили кога имаше поголема количина вода, а имаше и големи дупки. Во еден период имаше и забрана за движење на автобуси. Станува збор за инвестиција од 400 илјади евра. Овој пат е само еден од стотината што се реализирани во последниот период, изјави Јанакиески.
Градоначалникот Коневски нагласи дека реконструкцијата на патот има исклучително значење за жителите на Горно и Долно Лисиче.
– Со изградбата на овој со години оштетен и тесен пат, им се овозможи побрза сообраќајна комуникација со останатите делови од општината и центарот на градот, изјави Коневски.
Општината го реализира проектот во соработка со Агенцијата за државни патишта и Министерството за транспорт и врски.