Градоначалникот на Општина Неготино, Горан Стојанов, попладнево, преку објава на својот Фејсбук профил информираше дека Општината ќе издвои средства за лекување на младата Матеа Стаменова од Неготино, на која потребно е да ѝ се изврши оперативен зафат во Бугарија.
Стојанов наведува дека во рамките на расположливите средства, Општина Неготино ќе го помогне лекувањето на Стаменова.
– Како градоначалник на Oпштина Неготино ја информирам јавноста од општината и пошироко, дека, како локална самоуправа, во рамките на расположливите средства, финансиски ќе го помогнеме лекувањето на нашата млада сограѓанка Матеа Стаменова. Матеа е 11 годишно девојче со здравствени проблеми и потребно е да и се изврши оперативен зафат во Бугарија, што чини седум илјади евра со дополнителни трошоци за постоперативно закрепнување, вели Стојанов.
Упати апел до сите кои имаат можност да донираат средства за побрзо оздравување на Стаменова.
– Како градоначалник апелирам до сите поединци, фирми, установи и други кои што можат, да донираат средства и сите заедно да придонесеме за побрзо оздравување на Матеа Стаменова, наведува Стојанов во објавата.