Францускиот премиер Габриел Атал денеска изјави дека саботажата што ги погоди клучните делови на француската железничка мрежа пред Олимписките игри имала „јасна цел – да ја блокира мрежата на брзи возови“.
Тој рече дека „вандалите“ стратешки ги нападнале главните рути од север, исток и запад кон Париз, неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимпијадата, пренесува АП.
Зборувајќи со новинарите, Атал рече дека ќе има „огромни последици“ бидејќи стотици илјади луѓе се блокирани обидувајќи се да стигнат до Париз.
Париското обвинителство отвори истрага и целиот случај го окарактеризира како „намерна штета“ предизвикана на железничката инфраструктура и „фундаментални национални интереси“.
Обвинителството изјави и дека истрагата ќе ја води во текот на ноќта.
Како што претходно објави Фигаро, брзата железничка мрежа денеска беше погодена од координирани „злонамерни дејствија“, вклучително и подметнување пожар, што предизвика прекини на голем број од најпрометните железнички линии во земјата.
Се наведува дека голем број брзи возови поради пожарот ќе бидат пренасочени на „конвенционални линии“, а сообраќајот се очекува да биде нормализиран дури во понеделник.