Отфрлањето на иницијативата на Здружението на судии на РСМ и Судскиот совет на РСМ за поништување на одредбите од Законот за плати на судии од страна на Уставниот суд на РСМ, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем на државата, се наведва во денешното соопштение од Здружението на судии.
-Во однос на одлуката на Уставниот суд на РСМ со У.бр. 122/24 и 123/24 по повод иницијативата на Здружението на судии на РСМ и Судскиот совет на РСМ, како Здружение на судии (ЗСРСМ) ја известуваме јавноста дека согласно чл.108 од Уставот, Уставниот суд е државен орган кој ја штити уставноста и законитоста, а согласно чл. 52 – законите не може да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните, велат од ЗСРСМ.
Оттаму посочуваат дека како Здружение на судии се разочарани од Уставниот суд кој наместо да ја штити уставноста на законите, се занимава со популизам и носи одлуки кои се директно спротивни на Уставот, притоа создавајќи правна несигурност, со можни далекусежни последици по судскиот систем и правната држава.
– Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29 февруари 2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 1 февруари 2024 година, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата, велат од Здружението на судии.
Во соопштението се додава дека согласно одлуката на Уставниот суд на РСМ: „Донесувањето на оспорените измени и други наведени измени на Законите беше резултат на реакција на јавноста по зголемување на платите на функционерите“, па во тој правец, како што додаваат од Здружение на судии, потребно е да се напомене дека платите на судиите од 2012 година се замрзнати иако во меѓувреме просечната плата во земјата двојно се зголеми. Затоа, како што истакнуваат од Здружение на судии, не треба да се манипулира со никакво зголемување на платите, туку станува збор за законитo пресметување.
-Секако најзагрижувачко во одлуката на Уставниот суд е неговото игнорирање на недозволеното ретроактивно дејство во оспорениот Закон. Имено, иако судот, неразбирливо ја цитира одредбата од чл. 52, не дава образложение како применетото ретроактивно дејствие со кое се намалува плата на одредена група граѓани е поповолно за граѓаните. Истакнуваме дека само зголемување на платите на одредена категорија граѓани може да биде исклучок за примена на ретроактивност при носење на Законите бидејќи само тогаш тие се по поволно за граѓаните, нагласуваат од Здружението на судии.
Во таа смисла, од Здружението на судии информираат дека ќе поднесеат нова иницијатива за оценка на уставноста на Законот за плати на судиите и тоа исклучиво по однос оваа околност (ретроактивната примена на Законот), сметајќи дека не станува збор за res judicata (пресудена работа).
-Мора да се има предвид дека и во претходната иницијатива поднесена од Здружението, ретроактивноста беше истакната како проблем, но во својата одлука, Уставниот суд воопшто не се впуштил во одлучување по однос неуставноста на Законот за плати на судиите поради неговото ретроактивно дејство, се наведува во соопштението.
Здружението на судии бара од Уставниот суд кој, како што стои во соопштението, не е дел од судската власт туку претставува државен орган, а нејзините членови (професори, правници, обвинители па и судии) кои се избрани од законодавецот-Собранието на РСМ, да не се додворува на Законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт.
Нивната надлежност, како што велат од Здружението на судии, е јасно утврдена во Уставот, па оттука треба да се држат до своите надлежности при одлучувањето, а не да носат одлуки кои се политички и популистички, со анализи и заклучоци кои се во надлежност пред се на Заводот за статистика „дека платите на конкретна категорија граѓани се доволно големи“.
-И судството во минатото беше незадоволно од бројните Закони за амнестии и измени на КЗ, со кои се поткопуваше и девалвираше судското постапување, но и покрај тоа, имајќи ги предвид надлежностите на судовите (а тоа е примена на Законите) судиите безусловно ги применуваа таквите закони, потенцираат од Здружението на судии.
Според ЗСРСМ, со оваа пракса, што Уставниот суд сака да ја воведе, постои дополнителна опасност бидејќи треба да се има предвид дека платите на судиите во минатото биле неформален пример за зголемување или намалување на платите на судската служба која во изминатиот период трпи огромен одлив, заради ниските примања.
Па од таа причина, како што посочуваат од ЗСРСМ, може да се доведе во прашање и функционалноста на судството со оглед да судиите постапуваат во тимови со стручни соработници, записничари, службеници, доставувачи и сл.., а сега се отвора можност за законски измени кои можат да ги намалат и нивните плати.
-Како Здружение, сакаме да го поздравиме издвоеното мислење на еден од Уставните судии кој ја посочи неможноста да се намали судиската плата со Закон, односно ја истакна „меѓусебната контрадикторност на оспорените Закони, (Законот за плати на судиите, Законот за судовите и Законот за изменување на законот за плати на судии ) што е спротивно на Уставните одредби за владеење на правото, а со тоа и на правната несигурност“, се наведува во соопштението.
Здружението на судии бара од Уставниот суд на РСМ да постапува согласно неговите надлежности предвидени во највисокиот правен акт, а во спроивно, како што стои во соопштението, Здружението ќе поведе постапка пред Европскиот суд за човекови права, пред се заради заштита на законитоста и правата и слободите на граѓаните.