Недостигаат онколози и патолози, Таравари најаува можен мораториум за одредени специјализации

Од:

Министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ја посетија Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје. Тие попладнево разговараа со дел од вработените и со директорот Игор Стојковски за проблемите со коишто се соочува Клиниката, по што истакнаа дека ќе бараат брзи решенија за граѓаните да имаат што е можно поквалитетна здравствена услуга.

За идната недела е договорен нов состанок, како што беше појаснето, за да се подготви специјален извештај и во Влада да се разговара за проблемите на Клиниката, особено околу дефицитот на кадар.

– Исто така поразговаравме и за тоа како можеме во што поскоро време да ги активираме амбулантите во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и во Битола. И таму има одредени недостатоци на кадар, појасни министерот.

Таравари истакна дека ќе инсистира да се дозволат вработувања, со цел да не се преоптоварува вработениот персонал.

– За жал, многу од кадрите си одат надвор, меѓутоа, ме известуваат дека имаме кадар што може веднаш да го активираме. И физичари и технолози и доктори и медицински сестри. Но, нормално, за овој кадар да биде како што треба, ќе треба месеци и години, додаде министерот.

Тој информираше дека денеска ќе го посети и Институтот за патологија, да види како стојат работите таму. Во понеделник најави средба и со деканот на Медицинскиот факултет, бидејќи смета оти потребна е стратегија за специјализации. Меѓу другото, соопшти дека се размислува како да се мотивираат докторите да специјализираат што повеќе и онкологија и патологија.

Директорот на Клиниката Стојковски, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека имало проблем со еден од лековите наменет за пациенти на оваа клиника.

– Работиме на проблемот да го решиме и се надеваме дека во најбрз временски период ќе го има лекот, истакна Стојковски.

Директорот на ФЗО Клековски посочи дека за сите подрачја, смета дека граѓаните заслужуваат лекови од најнова генерација, а не од пред 30 години. Тој рече дека планираат комуникација не само со здружение на пациенти од оваа клиника, туку и со дијабет и со сите други болести.

Пациентката Ана Марјановиќ во изјава за МИА рече дека за пациентите на која било клиника, па така и на Онкологија и на Хематологија, најзначајно е брзо решавање на Позитивната листа на лекови, очекуваат промени и да се видат резултати.

– Ние се придружуваме на „Хемаонко“ здружението, за да направиме нешто повеќе за онколошките пациенти. И она што во овој момент сметаме дека е најзначајно, да се има слух и да се има соработка со здружението и со пациентите, бидејќи од прва рака најдобро ги знаеме проблемите, подвлече Марјановиќ.

Таа кажа дека во план им е да ги споредат нивните листи со оние на надлежните, околу тоа кои лекови треба да се стават на Позитивната листа, за да се види дали е тоа она што тие го бараат како пациенти, бидејќи некаде надвор покажало многу добри резултати.

Би можело да ве интересира

Таравари: Ако има избори следната година, Ахмети во 2026 ќе бара нови

Катерина Ѓуровски

Крилото на Села ја спори легитимноста на конгресот на Таравари

Таравари: Ова е лудница, албанската опозиција критикува за закон кој тие го донесоа

Катерина Ѓуровски

ДУИ бара Таравари да поднесе оставка

Таравари: Не сум за бркање лекари од работа, но мерки мора да има за случајот со починатото бебе

Таравари прими вакцина за сезонски грип