Под мотото „Заедно создадаваме Круг на хуманоста“, во организација на Центарот за институционален развој (ЦИРа) во сабота 28 во периодот меѓу 10:30 и 17.00 часот, граѓаните и посетителите на Скопје со донирање на метални парички поставени една до друга ќе создадат круг околу Спомен спомен куќата на Мајка Тереза.
Зоран Стојковски, извршен директор на ЦИРа, денеска изјави дека средствата од формираниот Круг на хуманоста ќе бидат донирани за подобрување на условите за живот во станбените објекти во кои живеат млади лица без родители кои по наполнувањето на 18 години го напуштат Домот за деца без родители.
– Очекуваме да се соберат околу 50.000 денари кои ѓе им ги дадеме на децата од домот што живеат во изнајмени станови за кои трошоците ги покрива Владата на Македонија. Според нашите анализи, токму таа група беше издвоена како најзагрозена и сакаме со средствата што ќе се соберат барем малку да им ги подобриме животните услови, особено за средување на становите каде што живеат, истакна Стојковски.
Тој очекува граѓаните да излезат во голем број и да донираат барем една метална паричка што ќе значи многу за децата без родители. Се надева и дека во наредните години ќе го соборат светскиот рекорд на собрани монети, што сега го држи Филипини со 7,2 милиони монети.
Рената Кутера, директорка на Спомен куќата на Мајка Тереза, по повод настанот „Круг на хуманоста“ истакна дека со мало задоцнување со овој настан се одбележува и првиот „Меѓународен ден на милосрдието“, 5 септември, годишнината од смртта на Мајка Тереза кој е прогласен од Генералното собрание на Обинетите Нации.
– Во образложението потпишано до Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, овој ден е избран за одбележување на годишнината од смртта на нашата сограѓанка Гонџа Бојаџиу која точно пред 85 години го напушта родното Скопје за да се посвети на својата мисија, рече Кутера.
Таа најави дека Спомен куќата на Мајка Тереза овој ден ќе го одбележува секоја наредна година со хуманитарни настани.
Истражување спроведено од ЦИРа за филантропските практики во Македонија, покажува дека 49,5 отсто од граѓаните имаат донирано во иминативе 12 месеци.