Во саботата попладне избувна пожар во ниската вегетација на Серифос во Грција, а силните ветрови кои дуваат на островот го отежнуваат гаснењето, пренесува Прототема.
На местото на настанот пристигна едно возило со четворица пожарникари, како и општински цистерни. Паралелно пристигнува и противпожарната единица од Атина, 22 пожарникари со 11 возила, како и од Сирос, 7 пожарникари со 3 возила. Исто така, до последното светло на денот оперирале два авиони и еден хеликоптер.
Според „Прототема“, пожарот е надвор од контрола.
Алармот на островот се вклучи три пати. Во 20:52 часот по локално време е испратена порака во која се вели: „Оган на Серифос. Доколку сте во областите Рамос, Ливадакија, Карави, евакуирајте се во Ливада“.
Претходно беше испратена порака дека оние во областите Куталас, Ганема, Вагија и Кало Амбели мора да бидат евакуирани во градот Серифос преку Куталас. Првата порака во 18:18 гласеше: „Ако сте во областите Рамос и Ливади во Серифос, евакуирајте се во Серифос“.
Пожарот избувнал во саботата попладне во областа Ливади и се проширил поради силниот ветер.