Пет лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во Чешка кога мотоциклист влетал во гледачите за време на традиционалната трка со мотоцикли за градот Јичин.
Спасувачите однеле двајца гледачи и еден натпреварувач во болницата во Јичин, а на лице место им била укажана помош на уште две лица, јави агенцијата ЧТК, наведувајќи дека меѓу повредените има и дете.
Полицијата ја истражува несреќата како дело кое се квалификува како нанесување телесни повреди од невнимание, а доколку биде прогласен за виновен на сторителот му се заканува казна затвор до две години или забрана за вршење дејност, потврдија портпаролите на итната помош и на полицијата.
– Според првичните информации, 63-годишниот возач на мотоцикл Јамаха од се уште непознати причини не свртел десно. Тој паднал на земја, а потоа со својот мотор влетал во публиката – изјави портпаролката на полицијата Ива Кормошова.
Според неа, полицијата ги истражува околностите на несреќата, а предмет на истрага ќе биде и организацијата на мотоциклистичката трка.
Болничарите го однеле повредениот тркач во болница со болки во грбот, градите и нозете, додека едниот од повредените гледачи очигледно има скршеница на ногата, а другиот површна повреда.
– Испративме четири екипи и хеликоптер на местото на настанот – изјави портпаролката на итната помош Луција Ханушова.